Два пати Мери е интердисциплинарен проект од неформалната група СКОРО, со премиера во Скопје и Прага во Фебруари 2024 година.
Проектот е финансиран од Норвешка Амбасада, преку СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан.
Два пати Мери“ е проект кој во себе инкорпорира четири уметнички изрази: театар, фотографија, музика и поезија кои заедно ќе креираат еден кохерентен, разбирлив и достапен интердисциплинарен перформанс. Перформансот е конципиран во два дела: театарска претстава и дигитална изложба на фотографии. Проектот својата подготовка ја започнува преку истражувачки процес кој вклучува собирање на орални истории на лица кои се или биле погодени од семејно насилство. Покрај собирањето орални истории, истражувачкиот процес подразбира документирање на реакцијата на општеството на случаи кога оваа проблематика се зборува јавно, најчесто на социјалните медиуми. Собраните информации се искористени дискретно како дел од дигитална изложба на фотографии која започнува веднаш по перформансот, прикажани како лузни на телото на различни жртви.
За потребите на овој перформанс се изготвени три верзии од претставата, две дуо драми и една интерактивна моно драма, со различни тимови на актери. На овој начин се обезбедува континуирано играње на претставата, разновидност и флексибилност кои што го продолжуваат нејзиниот животен век, како и примена на една од полисите на Green Theater, односно минимизирање на луѓето кои патуваат на турнеја и дигитализација со цел да се намали јаглеродниот отпечаток.